Одбрана

Пендаровски: Името на Армијата е определено со промената на Уставот

27.12.2019 15:24

Задоволен сум од опременоста и пополнетоста на Армијата, изјави за борбената готовност врховниот командант и претседател Пендаровски. Дополни, армиското име е според Уставот променет по Преспанскиот договор. Законот за одбрана нема да биде меѓупартиска кочница за скорешното полноправно членство во НАТО, оцени министерката Шеќеринска...

Армијата е во одлична кондиција, што меѓудругото се должи и на зголемениот буџет. Секогаш има простор за подобрување, а треба да продолжи и политичката поддршка. Претседателот и врховен командант Пендаровски, на годишното реферирање од началникот на генералштабот, генерал Ѓурчиновски, се запозна со степенот на реализација на плановите и задачите во тековната 2019 година.

Шефот на државата вели дека членството во НАТО носи и поголеми обврски, бидејќи стандардите се високи и за земјите- членки. Името на Армијата е определено со промената на Уставот и тука повеќе нема простор за дебата. Во него јасно стои како се викаат државата и Армијата, дециден е претседателот.

На ставовите дека ВМРО-ДПМНЕ не го менува ставот за законот за одбрана, министеркта Шеќеринска вели дека не држат аргументите на опозициската партија. Појасни дека дале поддршка на закони во кои стои уставното име-Република Северна Македонија, а по неколку месечната дебата не доставиле амандмани. Министерката за одбрана смета дека ратификацијата на протоколот не смее да биде меѓупартиски пазар, и да не се ризикува членството во НАТО.

Шеќеринска потсети дека Собранието носи одлука за закажување предвремени парламентарни избори, но како што вели, тоа не значи дека законодавниот дом исчезнува. Не очекува на одвоените средби Заев-Мицкоски и Мицкоски-Ахмети да се разговара за евентуално одложување на изборите.

 

Милчо Велески