Политика

Продолжуваат консултациите за техничка влада

30.12.2019 09:57

Кандидатот на опозицијата за министер за внатрешни работи во техничката влада, не помина кај власта. Предлогот бил спротивен на Уставот. Ахмети рече дека за ДУИ е прифатлив. СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ продолжуваат со консултациите. За утре се очекува да се знаат и другите имиња на кандидатите за челници во пржинската влада...

Преодната влада мора да организира фер и демократски избори, да продолжи да работи за доброто на граѓаните. Во понеделник продолжуваме со консултациите за да ги дефинираме новите членови на преодната влада. Северна Mакедонија чекори напред, оди по вистинскиот пат и така само треба да продолжи, напиша премиерот Заев на својата Фејсбук страница.

После разговорите со лидерот на опозицијата Мицкоски, Заев посочи дека има дилеми за предлогот на опозицијата за министер за внатрешни работи. Тој го оцени како спротивен на Уставот бидејќи кандидатот е воено лице што се коси со одредбите каде стои дека треба да е цивилно лице.

Oпозициската ВМРО-ДПМНЕ останува на предлогот за технички министер за внатрешни работи. Станува збор за докажан професионалец од чија способност и интегритет се плаши актуелната власт, изјави портпаролот Стоилковски. Од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека преседани имало претходно и во други случаи.

И Заев и Мицковски после средбата во Владата информираа дека ќе разговараат телефонски за да постигнат конечен договор кој ќе го води МВР, но и за другите решенија за составот на техничката влада што ќе ја предводи Оливер Спасовски. Собранието на 3-ти јануари треба да расправа и да гласа за новиот владин состав.