Најголем дел од граѓаните Новата година ќе ја пречекаат во домашна атмосфера
Новогодишна магија и низ главниот град. Во време кога сѐ почесто забораваме на убава мисла кон другиот, празниците нѐ потсетуваат на вистинските вредности. И возрасните и децата имаат желби за следната 2020-та...
Насмевки, прегратки, музика, фотографирање со ликовите од омилените цртани јунаци, топол напиток и многу желби упатени до најпознатиот дедо на светот. Плоштадот „Македонија“ и денеска беше највеселото место за најмладите во последните денови од старата 2019-та година. Децата велат биле послушни годинава, па очекуваат Дедо Мраз да им ги исполни желбите. А списокот на посакувани подароци е скромен.
Најголем дел од граѓаните велат дека Новата година ќе ја пречекаат во домашна атмосфера, желбите за 2020-та ги споделија со нас.
Проблеми има и ќе има, но убавината на овој период од годината е тоа што секој сака барем за момент да се опушти, и во светлината од шарените сијалички и украсните лампиони да ја види надежта за следните 365 денови.
Со или без новгодишна еуфорија, сепак граѓаните коишто решија новогодишната ноќ да ја поминат во домашна атмосфера, нема да штедат за што побогата трпеза.
Големината на овие празнични денови е враќањето на вистинските вредности, испраќањето на позитивни и убави мисли за секого, она што ни недостасува преку целата година.
Музиката и забавата ќе траат уште неколку дена, до влезот на Новата 2020-та. Добро би било кога секој од нас би јго задржал празничниот оптимизам и по најлудата ноќ.
Александра Спировска
