Евроинтеграции

Анкета: 75% од граѓаните би се изјасниле за членство во Европската унија

30.12.2019 14:46

75% од граѓаните би се изјасниле за членство на Македонија во Европската унија, покажува најновата анкета на „Евротинк“. Истражувањето покажало дека е мала разликата во поддршката пред и после разочарувачкиот самит кога земјава не доби датум за преговори. Во документот се испитува и расположението во однос на тоа која држава е закана и најголем пријател...

Француското вето немало преголемо влијание врз поддршката за членство во Европската унија. Сепак, граѓаните се чувствуваат изневерени. Според последното истражување на невладината „Евротинк“, односот на ЕУ кон земјава за 44,6% од испитаниците е „нефер, надмен и уценувачки“, а поддршката опаѓа и кај младите.

Сепак, на прашањето - доколку утре би се оддржал референдум, 74,7 проценти би го дале гласот за влез во ЕУ. Виновникот за недобивање датум за преговори се лоцира во неспроведувањето на реформите, но испитаниците очекуваат европскиот совет во мај да донесе позитивна одлука.

Најголема доверба ужива Армијата, па следува претседателот на државата. Граѓаните, пак, најмалку се задоволни од правосудството и политичките партии. Како најголем пријател на земјава посочена е Германија, а Грција, Бугарија и Албанија оценети како закана.

Анкетата на „Евротинк“ е спроведена телефонски, во период од 13-ти до 26-ти ноември, на 1.000 испитаници.

 

Викторија Милевска