Пендаровски оствари видео- конференциска врска со армиските мировници
„Малку области во нашата земја можат да кажат дека се на европско или светско ниво, како што е случајот со нашата Армија“, оцени претседателот Пендаровски. Тој имаше видео-конференциска врска со нашите војници кои учествуваат во мисии во Авганистан, Либан, Босна и Херцеговина. Тие го информираа шефот на државата за моменталната состојба и за активности во рамки на мисиите...
Претседателот Пендаровски оствaри новогодишна видеокомуникациска врска со македонските мировници во светот. Нашите војници во мисиите „Одлучна поддршка“ во Авганистан, „Унифил“ во Либан и „Алтеа“ во БиХ го информираа врховниот командант за моменталната состојба и нивните активности на терен. Изразија подготвеност и во иднина да продолжат стручно, одговорно и посветено да ги извршуваат своите должности.
„Ако ги гледаме сите реформи што се направени, од 90-та до денес, во вашиот дел, во делот на Армијата, а надворешните мисии се круцијален дел од тоа, имаме далеку најдобри реформи. Ниту една друга област во државата не може да се мери со реформите што се направени во вашата област и неспорно е дека припадниците на Армијата поставија највисоки можни критериуми“, порача претседателот Пендаровски.
Претседателот го потенцираше исклучително важниот придонес на припадниците на Армијата во меѓународните мировни операции со што се докажаа како рамноправен партнер на НАТО како идна 30-та полноправна членка.
Врховниот командант на сите македoнски мировници им посака успешна и мирoвна мисија и безбедно враќање дома кај своите најблиски.
Ирина Гелевска
