Политика

Утре техничка влада, се очекува решение за техничкиот министер за внатрешни работи

02.01.2020 10:35

Избори ќе има на 12-ти април, и по 3-ти јануари Владата ќе биде техничка, изјави министерот Спасовски. Според него, опозицијата ќе мора да предложи ново име за министер за внатрешни, зашто Уставот мора да се почитува. Нема реакција од ВМРО-ДПМНЕ, освен познатиот став во корист на полковник Ковачки...

Министерот за внатрешни работи Спасовски, кој треба да ја преземе функцијата премиер во техничката влада, изјави дека мора да се почитува Уставот. Владата ќе функционира од 3-ти јануари, а изборите ќе се одржат на 12-ти април, рече Спасовски. На новинарско прашање дали очекува нов предлог од опозицијата за министер за внатрешни тој одговори потврдно.

„Мислам дека тоа ќе го направат и заеднички ќе влеземе во таа преодна влада која треба да ги заврши сите овие процедури до изборите. Подготвени сме да продолжиме со таква динамика и со посветеност да работиме за граѓаните во предизборниот период, затоа што Македонија не смее да си дозволи да се стопираат проектите и да има застој во реформите. Напротив треба енергично, цврсто да газиме напред заради граѓаните и иднината на Република Македонија“, изјави Спасовски.

Непроменет е ставот на ВМРО-ДПМНЕ за Драган Ковачки, армискиот полковник да раководи со овој ресор. Повторуваат се ќе се разјасни в четврток. Доколку се формира преодната влада и Спасовски го добие мандатот од претседателот Пендаровски.

Спикерот Џафери изборите треба да ги распише на 11-ти февруари, а Собранието да биде распуштено на 12-ти февруари.