Малите пратки до 90 евра се ослободуваат од царина
Во насока на спроведување на препораките на Европската комисија, како и зголемување на обемот на е- трговија во земјава, малите пратки во вредност до 90 евра се ослободуваат од царина...

Малите пратки до 90 евра се ослободуваат од царина. Како што претходно соопшти Министерство за финансии, ова е овозможено со измените на Уредбата, изработени врз основа на анализата за царинење на малите пратки, со кои прагот на ослободување од царина за нив се подига од досегашните 45 на 90 евра.
Зголемувањето на прагот е по препораките на Европската комисија, како и поради зголемување на обемот на е-трговија во земјава. Ова е резултат на анализата за царинење на малите пратки, која ја спроведе Министерството за финансии.
„Расте бројот на мали пратки што граѓаните и компаниите ги порачуваат преку Интернет, а со тоа растат и предизвиците и за државата и за компаниите. Во ЕУ, прагот за мали пратки е 150 евра. Граѓаните што се враќаат од странство преку граничен премин, можат со себе да носат стоки во вредност од 350 евра и за нив да не платат увозни давачки“, изјави неодамна министерката за финансии Нина Ангеловска.
Согласно податоците на Државниот завод за статистика, електронското купување во нашата земја во 2019-та година е зголемено за 14 проценти, односно онлајн нарачките пораснале од 31,6 на 35,9 отсто.
