Обуки за занаетчии во Битола

02.01.2020 12:37

Регионалната Занаетчиска комора- Битола годинава има зацртано да спроведе две обуки на нови занаетчии. Овој чекор напред кон создавање на млади претприемачи е поттикнат со проект подржан од Министерството за економија. Оние што ќе добијат сертификат, имаат право да аплицираат за неповратната финансиска помош од државата...

Со голема посветеност битолската Регионална Занаетчиска комора го спроведува проектот „Обучувач на возрасни- прво ниво“. Обучувачите се вклучени во две групи од по 20 членови. Едната ја сочинуваат професори и наставници, а другата искусни занаетчии. Стевче Ѓоргиев 15-ина години го работи чевларскиот занает, кој им е тридецениска семејна тадиција. Вели, занаетот не дава наеднаш да се збогатиш, но може да се заработува за живот. Во реализацијата на проектов гледа нова шанаса барам малку од малку да се врати занаетчискиот сјај на старата чаршија. Ветува дека несебично ќе го пренесе сето свое занаетчиско знаење на потенцијалните нови кондураџии.

Од занаетчиските дејности опфатени се автомеханичар, шивач, столар, бербер, чевлар, бојаџија, изработувач на накит, како и занаетчиски дејности од некои други профили. Оние што ќе добијат сертификат, имаат право да аплицираат за неповратната финансиска помош од државата. Од Комората се оптимисти дека проектот ќе даде позитивни ефекти.

Бошевски е свесен и не гае илузија дека некои стари изумрени занаети како сарачи, јамари, звончари, можат да се вратат, но смета дека со создавање на кадар за поновите занаети може да се отворат кепенците на многу затворени дуќани и да се зголеми бројката на регистрирани занаетчии, која во моментов за општините Битола, Демир Хисар, Новаци и Могила се движи околу 500 занаетчии.

Стевче Митревски