ПОЛИТИКА

Од утре техничка влада

02.01.2020 12:47

Дали ВМРО-ДПМНЕ ќе остане на стариот предлог за технички министер за внатрешни работи или ќе излезе со нов кандидат? Очите вперени во опозициската партија. Од утре земјава со нова техничка влада до изборите на 12-ти април. Премиерот Заев веќе најави дека на 3-ти јануари ќе поднесе оставка од функцијата. За половина час следува прес- конференција на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ...

Од утре земјава добива нова техничка влада до изборите на 12-ти април. Согласно Пржинскиот модел, преодната влада се формира 100 дена пред изборите, а премиерот Заев веќе најави дека на 3-ти ќе поднесе оставка од функцијата.

Според процедурите, Парламентот ја констатира оставката, а потоа претседателот Пендаровски треба да му даде мандат на техничкиот премиер, Оливер Спасовски. Новиот претседател на Владата ќе треба да го предложи новиот состав, а Парламентотот ќе треба да го изгласа. Според Пржинскиот модел, Собранието треба да донесе одлука да се самораспушти, најдоцна до 11-ти февруари односно 60 дена пред избори.

Утре треба да се избере нов министер за внатрешни работи и за труд и социјална политика на предлог на опозицијата. ВМРО- ДПМНЕ добива и три дополнителни заменички позиции во министерствата за земјоделство, информатичко општество и финансии. Владејачката СДСМ за нова вицепремиерка за економски прашања ќе ја постави досегашната министерка за труд, Мила Царовска, која ќе дојде на местото на Кочо Анѓушев.

Таканаречениот Пржински модел во 2016-та го договорија четирите најголеми партии. Ова се случи откако тогашниот лидер на опозицијата и сегашен премиер Заев, почна да ги објавува „бомбите“. На тогашните средби лидерите на партиите договорија предвремени избори. Владата тогаш ја предводеше техничкиот премиер Емил Димитриев.

 

Викторија Милевска