Австралија

Вонредна состојба во Нов Јужен Велс поради пожарите

02.01.2020 12:54

Масовна евакуација во Викторија, вонредна состојба во Нов Јужен Велс. Екипите на терен трагаат по исчезнати лица. Топлотен бран се најавува и викендов на источниот брег на Австралија...

Брод на австралиската морнарица ги евакуира жителите од опожарените подрачја во Малакута, Викторија. Пловилото превезува големи количества храна, вода и медицински материјал. Војската подготвува и пет хеликоптери и уште еден брод за транспорт на десетици илјади луѓе од другите туристички градови на источниот брег. Околу 4000 лица се заробени од огнот источно до Мелбурн, откако побегнаа на плажите за да се спасат од пламените јазици. Голем дел од патната инфраструктура е уништена и блокирана од паднати стебла.

„Имаме можност да изнесеме 500 луѓе надвор од Малакута. Интересно е што некои од нив можеби нема да сакаат да заминат. Ќе сакаат да останат со возилата и карваните до моментот кога можеби нема да можат да излезат на патиштата. Тоа може да трае со недели. Сега ги изнесуваме преку морето. Ако се расчисти чадот, ќе можеме и со летала да ги транспортираме“, изјави Крис Стивенсон, Заменик- комесар за одделот за вонредни состојби. 

Премиерот на Нов Јужен Велс, најнаселената австралиска држава, по трет пат прогласи вонредна состојба во период од една седмица. Топлотен бран и силен ветер се прогнозираат и за викендот.

„Знаеме дека температурите ќе бидат над 40. Целзиусов степен во делови од земјава. Знаеме и дека веќе имаме повеќе пожари чијшто број е голем за период на поумерени услови. В сабота тие може да се разгорат одеднаш и да направат непредвидливи работи“, вели Гледис Береџиклиан, премиерка на Нов Јужен Велс.

„Очекуваме повторно да бидеме отсечени од светот, без струја, со блокирани патишта, и други слични предизвици. Во тек е голема логистичка операција додека временските услови се сè уште поволни“, изјави Ендрју Констанс, министер за транспорт на Нов Јужен Велс.

Поради исклучително високото ниво на аерозагадување во Канбера беа затворени многу институции и компании. Густиот чад влезе и во внатрешноста на објектите, така што многумина носат заштитини маски и во затворен простор.

„Работам во музеј и мислев дека внатре ќе биде добро. Но, не е така. Условите се ужасни.“

„Чувствувам силна иритација во носот и во устата. Морам да носам маска.“

Од септември, во шумските пожари во Нов Јужен Велс и во Викторија загинаа 18 луѓе. Екипите на терен трагаат по 17 луѓе.

 

Маја С. Филдишев