ФИТР со рекордна реализација на предвидените финансиски средства

02.01.2020 14:20

Во измината година, ФИТР кон домашните компании исплати вкупно 633,6 милиони денари финансиска поддршка за реализација на инвестициски проекти. Средствата се обезбедуваат од Буџетот на Владата, како и од Светската банка...

Фондот за иновации и технолошки развој ја заврши 2019 година со рекордна реализација од 99,97% на предвидениот буџет наменет за финансирање на домашните компании и останати корисници на средства од инструментите на ФИТР.

Во измината година, ФИТР кон домашните компании исплати вкупно 633,6 милиони денари финансиска поддршка за реализација на инвестициски проекти. Средствата се обезбедуваат од Буџетот на Владата, како и од Светската банка. Со овие средства, како и сопствените пари што компаниите ги уплаќаат на наменски сметки, вкупниот обем на реализарани средства преку проектите на ФИТР за 2019 година надминува 1 милијарда денари, соопштуваат од Фондот.

Дополнително, исплатени се над 12,6 милиони денари за проекти во делот на образованието, заштитата на животната средина, како и примената на иновациите во јавниот сектор.

Во 2019 година, Фондот во целост ја реализираше предвидената програма за реализација на нови јавни повици и обезбедување на поддршка за инвестициски проекти во економијата. Така, за комерцијализација на иновации предвидените 12,5 милиони евра се искористени 100%, додека во тек се два јавни повици – за поддршка на технолошки развој и стартап компании, за што средства беа обезбедени со ребалансот на Буџетот за 2019-та.