Политика

Мицкоски ќе предложи нов технички министер за внатрешни работи

02.01.2020 14:50

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски најави дека во текот на денешниот ден ќе предложи ново име- кандидат за прв човек на Министерството за внатрешни работи...

ВМРО-ДПМНЕ предлага ново име за технички министер за внатрешни работи. Лидерот на партијата, Мицкоски само откри дека не се работи за партиски член. Попладне последна телефонска консултација со премиерот Заев, кому ќе му го соопшти персоналното решение. Новиот предлог е само за да не се одложат изборите и Заев да биде поразен, вели Мицкоски.

„Секој ден повеќе СДСМ на власт значи и повеќе порази во економијата, стопанството, земјоделието, образованието , здравството. Јас нема да дозволам да го имаат тоа задоволство да избегаат од избори а после изборите одговорност. Нема да дозволам со ситни итромански игри да одбегнат да се соочат со одговорноста и одговорот на народот. Отпорот на Заев кон кандидатот што го предлагаме е неправда, како за сaмата личност, но и за професионализмот на многу како него. Но, најголема неправда би била оваа власт да избега од избори и Заев да потрае во политиката заедно со Шекеринска и Оливер Спасовски ден повеќе“, изјави Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ нагласи дека Заев ќе падне, и заедно со народот ќе ги помине сите препреки кои што тој и малкумината обожаватели околу него ги поставуваат на тој пат.