Тридневна жалост во Иран поради убиството на генерал Солејмани
Тридневна жалост во Иран поради убиството на генерал Солејмани, десната рака на Ајатолахот Ал Хамнеи. САД тврдат дека операцијата е извршена за да се заштити американскиот персонал во регионот. Пред три дена паравоени групи поддржани од Иран ја демолираа Американската амбасада во Багдад.
Пентагон и Белата куќа потврдија дека американската војска го усмртила генерал Касем Солејмани, челникот на иранските елитни сили Кудс, по наредба на претседателот Доналд Трамп. На Твитер, тој објави американско знаме, но не даде коментар. Од Вашингтон тврдат дека архитектот на регионалниот безбедносен систем на Иран правел планови за напад врз американски дипломати и персонал во Ирак и околните земји.
Министерството за одбрана го обвинува и за помагање на нападите врз американската амбасада во Багдад. Солејмани загина во воздушен напад на меѓународниот аеродром во ирачката престолнина. Покрај него беше ликвидиран и Абу Махди ал-Мухандис, заменик-командантот на шиитските Народни сили за мобилизација. Ајатолахот Ал Хамнеи се закани дека злосторниците ги чека жестока одмазда. Иранскиот министер за надворешни работи Џавид Зариф предупреди – САД ќе ги ги сносат последиците од одметничкиот авантуризам.
Борците на паравоените групи кои се поддржани од Иран пред три дена ја нападнаа американската амбасада во Багдад по воздушните напади на САД врз цели на бригадата на Хезболах во Сирија и Ирак, кои пак, беа одмазда за гранатирањата на воената база во блзиина на Киркук во кои загинаа американски државјани. Антивладини демонстранти повторно во центарот на Багдад. Мислењата за ликвидирањето на иранскиот генерал и лидерот на шиитските сили поделени.
„Убиството на Касем Солејмани и Абу Махди ал Мухандис ќе ги елиминира корумпираните страни кои го уништуваат Ирак.“
„Америка и Иран треба да ги решат проблемите надвор од Ирак. Ние не сакаме да го прават тоа во Ирак бидејќи тоа не е корисно за нашата кауза. Овде на плоштадот Тахрир не го славмиме убиството на Солејмани или кој било друг.“
Тензиите на релација Вашингтон-Техеран се зголемија и по економските санкции кои ја ослабнаа иранската економија. Оттогаш двете страни си ја префрлаат одговорноста за нападите врз нафтената инфраструктура, складиштата за оружје на паравоените групации и воените бази каде што се стационирани и американски трупи.
Маја С. Филдишев
