Распишани предвремените парламентарни избори

06.03.2014 12:59

Претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски ги распиша предвремените парламентарни избори кои ќе се одржат на 27-ми април...

Претседателот на Собранието на Република Македонија, Трајко Вељаноски ги распиша парламентарните избори кои ќе се одржат на 27-ми април, односно на истиот ден со вториот круг на изборот за претседател доколку шефот на државата не биде избран во првиот круг на 13 април. 

Власта и опозицијата, рече Вељаноски, ги усогласија правилата на игра со што ја презедоа одговорноста за одржување фер и демократски избори.

„Денес го потпишав Решението за распишување на предвремени избори за пратениците во Собранието на Република Македонија, кои ќе се одржат на 27 април, на истиот ден со вториот круг  на изборот за претседател на Република Македонија, доколку претседателот не биде избран во првиот круг, на 13 април. Како и минатиот пат и денес сакам да потенцирам дека пред нас е изборен процес во кој изборните правила се прифатени со согласност и на власта и на опозицијата што претставува дополнителна одговорност и за едните и за другите и обврска истите да бидат почитувани и практикувани во текот на целиот процес“, изјави Вељаноски.

Решението за распишување на изборот ќе биде доставено до Државната изборна комисија на Република Македонија, како орган за спроведување на изборите, до Министерството за надворешни работи и Министерството за правда.