ДКСК: Институциите да ги почитуваат забраните утврдени во Изборниот законик и Законот за спречување корупција

03.01.2020 11:50

Комисијата ќе го следи целиот изборен процес и во случаите на основи за сомневање дека се прекршува Законот ќе презема мерки за утврдување на таквите сомневања...

Антикорупциската комисија со повик до институциите да ги почитуваат забраните утврдени во Изборниот законик и со Законот за спречување корупција.

„Комисијата ќе го следи целиот изборен процес и во случаите на основи за сомневање дека се прекршува Законот ќе презема мерки за утврдување на таквите сомневања, ќе ги извести надлежните органи и ќе бара преземање активности во рамките на нивното надлежно постапување“, укажуваат антикорупционерите.

Одредбите и ограничувањата од членот 8-а и 8-б од Изборниот законик и членот 34 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, се подвлекува во соопштението, не се применуваат во периодот од денот на изборот на Владата за спроведување на избори за пратеници се до денот на донесување на Решението за распишување на изборите за пратеници во Собранието на Република Македонија од страна на Претседателот на Собранието на Република Македонија.

Од денот на донесувањето на одлуката за распишување на избори на пратеници во Собранието на Република Македонија се до изборот на Владата на Република Македонија задолжително да се почитуваат забраните утврдени во членот 8-а и 8-б од Изборниот законик и во членот 34 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, се вели во известувањето од ДКСК до министерствата, единиците на локалната самоуправа, фондовите, агенциите, дирекциите, јавните претпријатија, регулаторни тела, трговски друштва и други институции основани од државата, како и јавноста.