Пленарка за избор на техничката влада

Констатирана оставката на премиерот Заев

03.01.2020 13:13

Земјава во следните сто дена ќе ја предводи техничка влада, на чело со досегашниот прв човек на МВР, Оливер Спасовски, кој ја доби поддршката од највисоките тела на неговата матична партија...

Во Собранието констатирана оставката на премиерот Заев. ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ постигнаа договор. За ресорот МВР, опозициската партија го предложи екс- разузнавачот Наќе Чулев. Претседателот Пендаровски треба да му го довери мандатот на Оливер Спасовски, кој пак треба да ја предложи новата Влада, а Парламентот да ја изгласа.

Земјава во следните сто дена ќе ја предводи техничка влада, на чело со досегашниот прв човек на МВР, Оливер Спасовски, кој ја доби поддршката од највисоките тела на неговата матична партија.

По втор пат се применува таканаречениот „Пржински модел“, кој беше преточен во законско решение. Опозицијата добива две министерски места во преодната влада. Наќе Чулев застанува на чело на полицијата, а Рашела Мизрахи ќе ја замени Мила Царовска во Министерството за труд и социјална политика.

Исто така, ВМРО-ДПМНЕ во Владата ќе има и три дополнителни заменици – министри: Гордана Димитриеска- Кочоска во финансии, Невенка Стаменковска – Стојковски во ресорот информатичко општество и администрација, и Цветан Трипуновски во земјоделство.

Според моделот за техничка влада, СДСМ добива двајца дополнителни заменик-министри. Едниот е во МВР, Славјанка Петровска која му беше шефица на кабинет на Оливер Спасовски, и Санела Шкријејљ во труд и социјала, кога досега беше прв човек во кабинетот на Царовска. Царовска, пак, го заменува Кочо Анѓушев на вицепремиерското место за економски прашања.