Ескалираат односите меѓу Вашингтон и Техеран
Ескалација на непријателствата меѓу Вашингтон и Техеран. Во американски воздушен напад во Багдад убиен иранскиот генерал Касем Солејмани. Претседателот Трамп го одобрил нападот, имал за цел да ги одврати идните ирачки агресивни планови. Во Иран протести, реакција и од официјална Москва. Американската амбасада во Багдад ги повика своите граѓани итно да го напуштат Ирак...
„Смрт за Америка“ извикуваа верниците во храмовите низ Техеран по убиството на генерал Касем Солејмани, човекот кој се сметаше за десна рака на врховниот лидер, ајатолахот Али Хамнеи. Пентагон и Белата куќа потврдија дека американската војска го усмртила челникот на иранските елитни сили Кудс, по наредба на претседателот Доналд Трамп.
На Твитер, тој објави американско знаме, но не даде коментар. Од Вашингтон тврдат дека архитектот на регионалниот безбедносен систем на Иран правел планови за напад врз американски дипломати и персонал во Ирак и околните земји.
Министерството за одбрана го обвинува и за помагање на нападите врз американската амбасада во Багдад. Солејмани загина во воздушен напад на меѓународниот аеродром во ирачката престолнина. Покрај него беше ликвидиран и Абу Махди ал-Мухандис, заменик-командантот на шиитските Народни сили за мобилизација.
Ајатолахот Али Хамнеи се закани со одмазда. „САД ќе ги ги сносат последиците од одметничкиот авантуризам“, предупредија иранското МНР и Револуционерната гарда.
„Ние сме целосно посветени на достоинството на нашата нација, на прогресот и големината на нашата нација. Кој и да ги загрозува овие работи, ќе се соочи со нас и со жесток удар“, изјави ајатолахот Али Хамнеи, врховен лидер на Иран.
„Касем го уништи она што Америка го создаде и разви- Исламска држава - со помош и со стрададањето на луѓето од Сирија, Ирак и регионот. Ова е тежок удар за САД. Чистата и света крв на Касем Солејмани ќе го засили дрвото на отпорот и ќе ги обедини уште повеќе Иранците“, изјави Џавид Зариф, министер за надворешни работи.
„Сега имаме уште поголема решителност за одмазда за криминалот на Америка и окупаторските Зионисти. Нивната привремена среќа нема да трае долго и наскоро ќе се претвори во тага“, рече генерал Рамезан Шариф, портпарол на иранската револуционерна гарда.
Властите на САД ги повикаа граѓаните веднаш да заминат од Ирак бидејќи Пентагон очекува нови инциденти. Продолжување на серијата одмазднички напади очекува и Русија. Кина повика на воздржаност. Во Израел вонреден состанок на безбедноста. Армијата затвора туристички места.
Солејмани беше клучен во ширењето на иранското влијание на Блискиот исток, кое се обидоа да го ограничат САД и регионалните ривали на Техеран, Саудиска Арабија и Израел. Во текот на изминатите 20 години, тој преживеал повеќе обиди за атентат од агенции од Западот и од израелски и арапски агенции.
Маја С. Филдишев
