Раст од 3,8% и стабилен курс на денарот
Статистичките податоци за макроекономската политика сега се достапни на порталот „НБ стат“. Во година на избори, во услови кога се очекува земјава да стане членка на НАТО, проектирано е умерено забрзување на растот на македонската економија на околу 3,8 насто. Но, гувернерката Ангеловска- Бежоска предупредува на надворешните ризици и забавувањето на глобалниот раст што влијаат врз домашната економија...

Умерено забрзување на растот на македонската економија до околу 3,8 насто до крајот на 2020 година, гаранции за стабилност на денарот, поволен макроекономски амбиент за одржување на ценовната стабилност. Со актуелното високо ниво на девизни резерви, според Централната банка, сѐ уште има простор да се води релаксирана монетарна политика што ќе обезбеди доволна ликвидност во економијата и поволни услови за финансирање на граѓаните и на корпоративниот сектор.
Сепак, поставеноста на макроекономската слика е условена од надворешното опкружување , а според гувернерката Бежоска глобалниот и растот на нашите трговски партнери се очекува да биде понизок со оглед на тековните случувања.
Официјалните податоци на Народната банка во ексел- формат сега достапни на статистичкиот веб портал „НБ стат“.
Народната банка годинава ќе работи и на Националната стратегија за финансиска едукација и инклузија. Покрај новиот Закон за платежни услуги и платни системи со кој ќе ја зајакнува конкуренцијата на пазарот, најавува и анализа на тековната заштита на потрошувачите на финансиски услуги.
Сузана Фиданска- Стоевска
