Откупот на тутун се одвива непречено, просечна цена- 222,5 денари за килограм

08.01.2020 12:06

Вредноста на откупениот тутун е над 4,2 милијарди денари и 94,4 насто е исплатен од откупните компании.

Откупот на тутунот се одвива непречено на сите пунктови во земјава. Според податоците од Државниот инспекторат за земјоделство, досега се откупени над 19 милиони килограми жолто злато по просечна цена од 222,5 денари за килограм, што е досега највисока просечна цена, информираат од ресорот земјоделство.

Вредноста на откупениот тутун е над 4,2 милијарди денари и 94,4 насто е исплатен од откупните компании. По завршувањето на откупот и на сите административни процедури околу контролите, Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ќе почне со исплата на субвенциите за производителите на тутун.

За реколтата 2018-та се исплатија 29 милиони евра по основ на новиот модел за зголемени субвенции за тутунот. Според новиот Закон за тутун, од годинава ќе се укинат евидентните листови, со што, како што посочуваат од Министерството, драстично ќе се олеснат административните процедури за тутунопроизводителите.