Повисоки плати за 5% за помошно- техничкиот персонал во здравството
За помошно-техничкиот персонал повисоки плати за 5 насто. Сѐ уште се преговара за статусот на администрацијата. Од февруари, со мартовската исплата, за здравствените работници зголемени плати. Износот на дежурствата повисок за 4 до 5 пати- обелодени министерот за здравство. Годинава, лекар специјалист со дежурства ќе има плата од 100 илјади денари- вели Филипче. Интенција е стимулирање и задржување на младите лекари во домашното здравство...
Болничарите и возачите во здравството од февруари ќе имаат за пет насто зголемени плати. По протестите пред ресорното министерство, техничкиот персонал се избори за зголемен личен доход. Без покачување останаа само правниците и економистите во здравствениот сектор, за нив после изборите ќе се бара начин да се издвојат од другата администрација.
„2020 година е за нас борба да го иземеме нашиот административен персонал од останатиот и согласно тоа во рамките на нашиот колективен договор да ги покачиме и за нив платите“, изјави д-р Горан Беговиќ – претседател на Синдикатот на клинички центар.
„Вложувањето во здравството и човечките ресурси кои се случија во овој момент со потпишувањето на аексот на колективниот договор не смее да се доживее како трошок, туку мора да се доживее како инвестиција во иднината“, рече Љубиша Каранфиловски, Самостоен синдикат за здравство, фармација и социјална заштита.
Од 20 илјади здравствени работници, 18.300 од февруари, со мартовската испалата ќе имаат зголемени плати. Најголема плата ќе имаат лекарите специјалисти.
„Од февруари на сите клиники платата ќе биде 100 илјади денари, некаде може да се надмине, а сериозно ќе се доближи помеѓу 85 и 110 илјади денари во зависност од дежурствата во општите болници ширум земјата“, нагласи министерот за здравство Венко Филипче.
Филипче вели- се инвестира во човечкиот капитал, бидејќи на тој начин ќе се задржат младите лекари да останат да работат во земјава. Како во европа така и кај нас, најмногу недостигаат лекари анестезиолози. Засега проблемот се надминува со ротирање на овој кадар. Лекари од еден град им помагаат на колегите во други болници.
Андријана Атанасовска
