Свет

Хамнеи: Им удривме шлаканица на Американците

08.01.2020 13:00

Иран изврши напади со десетина балистички ракети врз неколку цели во Ирак, вклучувајќи и две воени бази со американски војници и коалициски сили. Според локални медиуми, загинале 80-ина војници. И удривме шлаканица на Америка- изјави врховниот лидер Хамнеи. Во Белата куќа консултации. САД распоредува нуклеарни бомбардери во близина на Иран...

„Нападите врз базите се одмазда за убиството на командантот на елитната единица Кудс, Касем Солејмани“, соопшти Иранската револуционерна гарда која презеде одговорност за ракетирањето на двете ирачки бази во Ирбил и Ал Асад каде што се стационирани американски војници. Локалните медиуми известуваат за убиство на, како што велат, „најмалку 80 американски терористи“ иако претходно американскиот претседател Доналд Трамп на Твитер напиша дека состојбата била под контрола. „Мора да сопрат непотребните провокации од администрацијата, бараме од Иран да запре со насилствата. Америка и светот не можат да си дозволат војна“, напиша конгресниот спикер Ненси Пелоси. Од иранското МНР тврдат дека се преземени пропорционални мерки за самоодбрана согласно со Членот 51 од Повелбата на ОН, нагласувајќи дека не сакаат ситуацијата да ескалира до војна.

„Им удривме шлаканица на Американците. Но, проблем е присуството на Америка која е извор на корупцијата во регионот и мора да заврши тоа“, изјави ајатолах Али Хамнеи, врховен лидер на Иран.

Техеран им се закани со драконски мерки и на сојузниците на САД. Израел и овој пат со поддршка за одлуките на Вашингтон, вклучувајќи ја и наредбата за ликвидација на Солејмани.

„Треба да му се честита на претседателот Трамп за брзата акција против главниот терорист, кројачот на иранската кампања за крвопролевање и терор низ Блиски Исток и светот. Америка нема подобар пријател од Израел, и Израел нема подобар пријател од САД“, изјави израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху.

Во меѓувреме, САД решија да не му дадат виза на шефот на иранската дипломатија Мохамед Џaвад Зариф кој требаше да учествува на седница на Советот за безбедност на ОН. Неколку земји ја испочитуваа резолуцијата која претходно ја усвои ирачкиот парламент со која се бара целосно повлекување на странските трупи од земјата. Светските лидери бараат дипломатско решение на спорот во зоната.

„Употребата на оружје мора веднаш да сопре и да се даде простор за дијалог. Од нас се бара да преземеме сè што е можно да ги обновиме разговорите. Европската унија има многу да понуди. Создадовме и одржавме релации со многу играчи во регионот и пошироко за да спречиме ексалација на ситуацијата“, нагласи Урсула Вон дер Лејен, претседател на Европската комисија.

„Владата ќе соработува со другите земји за да се соберат информации и да се гарантира безбедноста на јапонските државјани во регионот на Блиски исток. Јапонија ги повикува сите страни да прават дипломатски напори за намалување на тензиите. Ние проодлжуваме да соработуваме со меѓународната заедница“, рече Јошихиде Шуга,  портпарол на владиниот кабинет на Јапонија.

Иранскиот генерал Солејмани беше вториот највлијателен човек во земјата, заедно со ајатолахот Али Хамнеи. На политичката сцена се сметаше и за клучен архитект на безбедносната шема на Блискиот Исток.

Вашингтон го обвинуваше за убиства и напади врз американските единици, вклучувајќи го и демолирањето на амбасадата во Багдад. Солејмани загина во ракетен напад на аеродром во ирачката престолнина заедно со Абу Махди Ал Муахандис, основачот на Катаиб Хезболах и човекот кој ја трансформираше паравоената Народна единица за мобилизација во официјална сила со капацитет да дејствува низ Ирак и Сирија.

Тензиите меѓу Западот и персискиот регион, кој и натаму останува буре барут, се зголемија по повлекувањето на САД од Нуклеарниот пакт од 2015 година.

Маја С. Филдишев