Во Охрид започнаа подготовките за одбележување на Богојавление- Водици
Охрид ги започна подготовките за одбележување на верските празници Богојавление- Водици и Свети Јован Крстител. И оваа година се очекува на своевидниот спектакл на вода да земат учество повеќе стотици млади лица, а на црковниот церемонијал на фаќањето на чесниот крст да присуствуваат повеќе илјади верници од земјава и странство...
Охриѓани ги започнаа подготовките за уште едно спектакуларно одбележување на верските празници Богојавление- Водици и Свети Јован Крстител, кој се слави и како ден на рибарите. Највпечатливиот црковно- народен собир на Балканот годинава го одбележува 30 годишниот јубилеј од првата масовна организација и се очекува во текот на празниците Охрид да биде преполн со верници и туристи од земјава и странство. Црковниот церемонијал на фрлањето на светиот крст во езерските води ќе биде исклучиво во духот на православието, а во граѓанскиот дел од манифестацијата се очекува охриѓани и гостите да ги забавуваат познати македонски и балкански естрадни ѕвезди.
„Со оглед на тоа што празникот е во викенд очекуваме голем број на гости од земјава и странство и очекуваме исполнетост на сместувачките капацитети. Со цел да ги подржат Богојавленските чествувања и да придонесат за поголем број на гости, охридските хотели годинава нудат сместување по симболична цена од 15 евра по лице за сместување на ден во периодот од 16 до 20 јануари“, изјави Константин Георгиески- градоначалник на Охрид.
Во организацијата се вклучени јавните претпријатија и Црвениот Крст од каде што апелираат за внимание кај капачите бидеќи температурата на водата ќе биде помеѓу шестиот и седмиот степен.
„Активностите ќе започнат на 16 јануари со расчистување на градското пристаниште. Пред сѐ најпрво ќе имаме расчистување, односно испловување на сите пловни објекти кои се во градското пристаниште, а потоа во 11 часот заедно со нуркачите од Клубот за подводни дејности „Амфора“ ќе се изврши длабинско чистење на самиот пристанишен дел“, изјави Стевчо Маслов- организациски одбор.
„Апелираме како и секоја година сите оние кои што сакаат да влезат во водите на Охридското Езеро да дојдат да се прегледаат, оние основни прегледи и основни здравствени состојби за да знаат дали се во можност да влезат во студените води на Охридското Езеро“, вели Сашо Точков -претседател на Црвен Крст- Охрид.
Градот за празникот ќе биде украсен во духот на богојавленските празници, црковните богослужби ќе започнат во 7 часот, додека Големиот богојавленски водосвет на Градското пристаниште ќе се одржи во 10 часот.
Сашо Нелоски
