Претседавачот на Воениот комитет на НАТО во прва посета на Северна Македонија
Претседавачот на Воениот комитет на НАТО, воздухопловниот маршал, Стјуарт Пич на одвоени средби со началникот на Генералштабот, генерал- потполковник Ѓурчиновски и со министерката за одбрана Шекеринска. Во фокусот нашето членство во НАТО и процесот на трансформација на командите и единиците на Армијата. Доколку Шпанија го ратификува протоколот за НАТО, тоа во македонското Собрание ќе се случи пред самораспуштањето на парламентот...
Соработката со најновиот сојузник, трансформацијата на единиците и командите на Армијата за целосна интеграција во НАТО, учеството во воените вежби и мисии на Алијансата биле во фокусот на посетата на претседавачот на Воениот комитет на НАТО, воздухопловниот маршал Стјуарт Пич.
Првиот човек на Воениот комитет на НАТО на средбата со началникот на Генералштабот на Армијата генерал- потполковник Васко Ѓурчиновски, изразил задоволство од успешниот процес на трансформација на Армијата за претстојното полноправно членство во НАТО истакнувајќи дека претстојната фаза на потполна интеграција се очекува да биде полесно остварлива со оглед на нашето досегашно искуство, како и дека можеме да очекуваме целосна поддршка од НАТО командните структури на сите нивоа.
На средбата со министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, било заклучено дека Северна Македонија е подготвена за полноправно членство во НАТО и дека истото ќе се случи во скоро време.
По формирањето на новата влада, се очекува последниот сојузник Шпанија да го ратификува Протоколот за членство во НАТО до крајот на месецов. Пред распишувањето на изборите, што би значело дека протоколот ќе помине и во Собранието. Позицијата и опозицијата најавија дека ќе гласаат за усвојување на документот.
Ратификацијата почна по 6-ти февруари лани кога во Брисел беше потпишан Пристапниот протокол за членство во НАТО.
По депонирањето на Протоколот за членство во Стејт Департментот во Вашингтон, Северна Македонија ќе стане полноправна членка на НАТО.
Ирина Гелевска
