Украински авион се урна кај Техеран – нема преживеани

08.01.2020 15:19

Патнички авион со 176 патници се урна по полетувањето од Техеран кон Киев. Нема преживеани, информираа иранските власти. Украинскиот претседател Зеленски го прекина одморот, амбасада на Киев во Иран тврди- не станува збор за терористички напад, но причините за трагедијата сѐ уште не се докрај разјаснети...

Пожар во еден од моторите е причина за авионската несреќа над Техеран - известуваат од иранското Министерство за сообраќај. Според првичните информации, авионот се урнал како резултат на технички проблем во еден од моторите. Преживеани нема.

„Мојот син е стјуард. Ќерка ми ми се јави изутринава за да каже дека во САД известуваат- се урнал авион, Интерншенл ерлајнз на Украина. Таа праша каде лета Ихор. Ние рековме „Техеран“ и дека ќе се врати со утринскиот лет. И тогаш го најдовме видеото од авионот што се урна“, вели Валери Матков, татко на стјуард.

„Засега ја отфрламе верзијата за терористички напад“, изјавија првично од украинската амбасада во Техеран. Но, во текот на денот сепак го дополнија соопштението дека причините сѐ уште не се разјаснети.

„Помагаме во процесот на идентификација на телата. Според првичните информации имало 168 патници и 9 членови на екипажот во кабината“, изјави Максим Коваленко, МНР на Украина.

Украинскиот Претседател Зеленски кој го прекина одморот изјави дека Украина ќе испрати авиони за да ги пренесат телата на загинатите. Авионот „Боинг 737-800“ се урна рано изутрината веднаш по полетувањето од меѓународниот аеродром „Имам Хомеини“, откако еден од моторите се запалил, по што пилотот не можел да го исконтролира леталото. Од компанијата Боинг соопштуват дека нивните тимови собираат информации од теренот. Украинската компанија „Интернешнл ерлајнс“ објави дека ќе ги прекине сите летови кон Техеран на неодредено време.

 

Марина Стојанова- Тонева