САД се подготвени за разговор со Иран
Нема информации за настрадани македонски државјани во нападите на американските воени бази во Ирак каде има наши припадници. Во кризните подрачја според МНР и Генералштабот нема испратено војници, но таму има наши државјани на логистички задачи. Институциите советуваат претпазливост и постојано следење на состојбата. А постојаниот преставник на Иран во Обединетите нации, Раванчи изјавил дека неговата земја нема да презема понатамошни воени активности. Во Преставничкиот дом денеска се гласа за ограничување на овластувањата на Трамп за прогласување војна против Иран...

Две силни експлозии одекнаа во „Зелената зона“ во Багдад каде што се сместени згради на владата и странски институции. Ирачката војска тврди дека нема настрадани во најновото ракетирање.
САД изразија подготвеност за сериозни преговори со Иран без никакви услови и без воен одговор на ракетните напади врз американските бази во Ирак. Во писмо до ОН, Вашингтон ја оправда одлуката за убивање на генерал Касем Солејмани како чекор за самоодбрана. Врховниот лидер Али Хамнеи се пофали со ударот против Америка и побара веднаш да заминат сите нејзини трупи од Блискиот Исток. Денеска во Претставничкиот дом се гласа за ограничување на овластувањето на Трамп за прогласување војна против Иран без конректно одобрение од Конгресот. Белата куќа со поддршка за одлуките на својот челник.
„Добивме информации од разузнавачите дека е можно да се случи напад. Ги чувме заканите, и светот ги слушна заканите од Иран. Ги раздвиживме силите, обезбедивме ниво на заштита по наредба на претседателот. Системите за предвремено предупредување ни дозволија да ги повлечеме Американците, нашите сојузници од опасните области“, изјави Мајк Пенс, потпрепстедател на САД.
Во телефонски разговор, Трамп и генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенбгер се согласиле дека Алијансата може да игра поголема улога во тој регион. Меѓу приоритетите останува и борбата против тероризмот.
Нема поврзаност меѓу ракетирањето на базите и авионската несреќа
Во меѓувреме, иранските истражители сооптшија дека авионот што се урна во Иран со 176 патници се обидувал да се врати на аеродромот. Во украинскиот „Боинг 737“ настанал проблем откако почнал да излегува од зоната, по што дел од него бил опожарен. Претходно иранските власти изјавија дека нема да ја предадат црната кутија ни на производителот на авионот ни на САД.
„Ова е трагедија за целиот свет, не само за Украина и нас. тагата не може да се опише со зборови. Претешко е, премногу е болно“, изјави Татјана Маслиева, стјуардеса на „УИА“.
„Читам, ужасна вест. Не се виновни ни компанијата ни екипажот. Виновен е Иран. Нивна е одговорноста“, изјави Олена Озерова, стјуардеса на „УИА“.
Несреќата се случи во момент на сериозно нарушени односи на релација Вашингтон-Техеран по ракетните напади врз американските бази. Засега нема доказ дека постои поврзаност меѓу двата инцидента.
„Ќе разговарам телефонски со претседателот на Иран за да ја зголемиме соработката и да ја дознаеме вистината. Ја повикувам и меѓународната заедница, вклучувајќи ја и Канада да се вклучи во истрагата за околностите за уривањето на украинскиот Боинг“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Киев ги предупреди украинските државјани да не го посетуваат регионот, а забрана за лет е издадена за воздушниот простор над Ирак и Иран до завршувањето на истрагата и идентификувањето на сите жртви во несреќата.
Маја С. Филдишев
