Свет

Иран го отфрли американскиот повик за соработка

09.01.2020 13:48

Постојаниот преставник на Иран во Обединетите нации, Раванчи изјавил дека неговата земја нема да презема понатамошни воени активности. Иран го отфрли американскиот повик на соработка додека не се укинат санкциите. Обединетите нации предупредија- Ирак не смее да биде фронт за пресметка на надворешни ривалства...

Две силни експлозии одекнаа во „Зелената зона“ во Багдад каде што се сместени згради на владата и странски институции. САД изразија подготвеност за сериозни преговори со Иран со кого ги одмерува силите на ирачка територија.

Претседателот Доналд Трамп најави економска одмазда со санкции, но не и воена интервенција иако претходно се закануваше со напад врз педесетина цели во Иран. Во Претставничкиот дом се гласа за ограничување на неговото овластување за прогласување војна без одобрение од Конгресот. Обединетите Нации предупредија – Ирак не смее да биде фронт за пресметка на надворешни ривалства.

„Ние ги поддржуваме обединетоста и суверенитетот на Ирак. Не ја прифаќаме неодамнешната изјава на претседателот Трамп, но ја поздравуваме подготвеноста на лидерите да избегнат воен судир и да преземат се за да се избегне натамошна ескалација“, изјави Стефан Дујарич, портпарол на Генералниот секретар на ООН.

Повик за обновување на дијалогот и од Ватикан.

„Особено се проблематични сигналите од регионот по зголемените тензии меѓу Иран и САД. Тие, пред сè, ја загрозуваат постепената обнова на Ирак, и создаваат основа за поширок конфликт којшто сите ние сакаме да го избегнеме“, изјави папата Франциск.

Во меѓувреме продолжува истрагата за уривањето на украинскиот авион на аеродромот во Техеран неколку часа по ракетирањето на американските бази во Багдад. Засега нема доказ дека постои поврзаност меѓу двата случаја. Според првичните проценки, во леталото од типот „Боинг 737“ настанал проблем при полетувањето поради што пилотот се обидел да се врати на аеродромот. Иран негираше дека бил соборен од проектил и не планира да ги предаде пронајдените црни кутии ни на авиопроизводителот ни на САД.  Украинските власти првично се согласија со своите ирански колеги дека авионот паднал поради механички проблем, но подоцна го повлекоа тој став и одбија да коментираат додека трае истрагата.

„Ќе разговарам телефонски со претседателот на Иран за да ја зголемиме соработката и да ја дознаеме вистината. Ја повикувам и меѓународната заедница, вклучувајќи ја и Канада да се вклучи во истрагата за околностите за уривањето на украинскиот Боинг“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Киев ги предупреди украинските државјани да не го посетуваат регионот, а забрана за лет е издадена за воздушниот простор над Ирак и Иран до крајот на истрагата. Во несреќата загинаа 176 патници и членови на екипажот.

Маја С. Филдишев