Обвинувања за опструкции во Министерството за финансии
Дополнителната заменичка на министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, се пожали на опструкции во работењето. Барањето секоја комуникација со неа претходно да биде одобрена од кабинетот, според неа е потврда за нетранспарентност и за прикривање на одредени работи. Работиме транспарентно, дополнителната заменичка нема забрана, туку станува збор за процедури, одговори министерката Ангеловска...
Разочарана сум од опструкциите во Министерството за финансии, рече дополнителната заменик- министерка. Реакцијата на Гордана Димитриеска- Кочоска доаѓа по дописот, со кој се бара комуникацијата со неа претходно да биде одобрена од кабинетот на Анегловска. Според неа, ова е потврда за нетранспарентност и отвора сомнеж дека нешто се прикрива, бидејќи според Законот за влада, таа има право на увид во сите документи кои ги добива министерката.
Министерката за финансии Ангеловска тврди - никој никого не опструира, станува збор за процедура за работа. Таа укажува дека ресорот што го предводи добива пофалби од меѓународните организации за зголемената транспарентност. Со Димитриеска- Кочоска очекува да има професионален однос.
Според Законот за влада, министерот и дополнителниот заменик имаат врзани потписи, а предвидена е и процедура за да се избегне блокада во работењето.
Ана Јосифоска- Тодоровска
