Проширувањето останува високо на агендата
Проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан останува високо на агендата – Хрватска која претседава со Унијата ги најави приоритетите. Наскоро Европската унија треба да објави мини извештај за напредокот на државава и на Албанија. Следната недела во Скопје доаѓа новиот еврокомесар за соседство и проширување Оливер Вархељи...
Проширувањето на ЕУ на Западниот Балкан е гаранција за стабилноста и безбедноста во регионот, затоа важен е почетокот на преговорите со Северна Македонија и со Албанија, изјави претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел во Загреб. Најави дека во наредните недели, Унијата ќе ја усвои модернизацијата на преговарачкиот процес, по што ќе се испрати јасен сигнал до земјите кандидати за членство кои ги исполниле критериумите.
„Многу е важно ЕУ да даде јасен и силен сигнал за проширување, особено за Северна Македонија и Албанија. Имаме важна задача во Европскиот совет да постигнеме согласност во наредните недели и да се подготвиме за јасен сигнал по постигнатиот напредок во модернизацијата на преговарачкиот процес“, изјави Шарл Мишел, претседател на Европскиот совет.
Хрватска, актуелен претседавач со Унијата, не сака да се повтори исходот од Европскиот совет минатиот октомври, кога земјите членки не успееја да донесат одлука за почеток на преговори со Северна Македонија и Албанија. Инсистира на донесување на новата методологија за преговарачкиот процес пред одржувањето на Самитот за Западен Балкан во мај во Загреб.
„Хрватска смета дека како една од земјите од овој дел од Европа имаме одговорност да ги промовираме и поддржуваме нашите соседни држави да продолжат на патот на реформите и приближувањето кон Европската унија. Ова е јасна политичка волја што е основа на оваа иницијатива“, изјави хрватскиот премиер, Андреј Пленковиќ.
По консултациите со францускиот претседател Макрон, кој имаше најмногу забелешки на октомврискиот Европски совет, хрватскиот премиер појасни дека и париз се согласува дека нема алтернатива на полноправното членство на земјава во ЕУ, но дека инсистира пред почетокот на преговорите да биде усвоена нова методологија, која ќе биде помалку бирократска и ќе содржи нов принцип на враќање на преговорите на поглавјето што веќе било затворено, ако земјата кандидат не ги исполни бараните критериуми. Загреб се надева дека новата методологија може да биде усвоена до март оваа година.
Ирина Гелевска
