Откупени 80 проценти од произведениот тутун, просечна цена од 222,5 денари
Откупот на тутунот е со добра динамика и се постигнува висока просечна откупна цена. Откупени се 80 насто од количествата по просечна, досега највисока цена од 222,5 денари. Во законскиот рок ќе бидат откупени количествата тутун и според квалитетот на родот се очекуваат просечни субвенции од 75 денари.
Откупот на тутунот тече непречено. Досега се откупени 80 насто или 20.000 тони од договорените речиси 26.000 тони тутун со највискока просечна цена од 222,5 денари за килограм. Прилепскиот комбинат има соодветна динамика на откуп, па кампањата продолжи по Новогодишните и Божикните празници.
На реакциите од тутунарите во Долненско дека половината од преку 7.000 тони не се откупени, од Министерството велат дека ќе се провери констатацијата, но уверувањето е дека сите договорени количества тутун ќе бидат откупени во законскиот рок, а и дозволените над 10 насто вишок. Од инспекторатот тврдат дека досега нема ниту еден приговор.
Бидејќи 35 насто од количествата тутун се во прва класа, се очекува просечните субвенции да бидат 75 денари. Годинава на сила е новиот закон со кој ќе нема бели картони, туку директно договарање на производителите со откупувачите.
Елизабета Митреска
