Пожарите во Авастралија пеплосаа и македонско наследство

09.01.2020 15:44

Не запира огнот во Австралија. Повремениот дожд не беше доволен да ги изгаси пожарите. Жителите стравуваат од најавениот топлотен бран кој од утре ќе донесе и до 40 степени целзиусови. Досега загинаа 26 луѓе, а бројката на изгорени животни изнесува околу една милијарда. Само во Јужен Велс потполно се изгорени 1.800 домови, меѓу нив и на македонското семејство Михајлови кои живееле на падините на снежните планини...

Пеколот во Австралија на сопствена кожа го почувствува и семејството Михајлови. Долгогодишната просветна работничка, Жаклина, вчера остана без кров над главата откако огнот го пеплоса нејзиниот дом во мало живописно селце на падините на снежните планини. Закрепнувајќи од шокот, претседателката на Македонскиот училишен одбор за Нов Јужен Велс со солзи раскажува дека изгубила богато наследство.

„Ние не ја изгубивме само куќата. Куќата и не е проблем, многумина се без куќи. Мојата беше македонски етно- музеј. Најмногу ми е жал што сите артефакти македонски, постари, дури некои и од 300 години, завршија на буниште, во пепел. Таму на пример имаше завеси што ги ткаела мојата прабаба, која што сама одгледувала свилена буба. Имаше клопци, имаше тепсии, имаше котлиња, имаше се што е македонско ткаење. Сево ова со години го купував со желба да направам Македонски музеј, етно музеј во Сиднеј, Македонски културен центар, да оставам нешто дека Македонската заедница живее овде“, вели Жаклина Михајлова.

Моменталната состојба и натаму е катастрофална. Според последните податоци само во државата Јужен Велс потполно се уништени повеќе од 1.800 домови. Изгорени се пет милиони хектари шума само во овој дел од Австралија. Во многу места на Викторија туризмот е згаснат, локалните бизниси исто така. Премиерот на Австралија, Скот Морисон објави две милијарди долари помош за следните две години, а помош почна да пристигнува и од други извори. Уништени се и извори на храна. Катастрофата не е завршена- вели уредничката на националното радио „СБС“ на македонски јазик, Радица Бојковска, која помогна да се чуе приказната на Михајлови.

„Австралија никогаш нема да биде иста. Катастрофата е со навистина невидени размери досега. Ќе биде потребно многу долго време само за закрепнување. Еколозите проценуваат дека ќе бидат потребни децении, па и столетија за нормализирање на дождовните шуми и другата вегетација“, изјави Радица Бојковска, уредничка на „СБС“ Радио на македонски јазик.

Уште е рано да се каже на кого и на колку луѓе ќе се сведе вината за оваа катастрофа. Луѓето бараат одговорност иако целата ситуација веќе се политизира. Причините се комплексни. Лоша комбинација од природни фактори и терен создаден од луѓето доведоа до ваков резултат.

Она што никогаш не ќе може да се надомести се изгубените човечки животи и изгубениот животински и растителен свет. Бројката на загинати се искачи на 26 лица. Со ширењето на пожарите, пак, бројката на изгорени животни е околу една милијарда.

Според последните податоци, само на Островот Кенгур се изгубени 25 илјади коали. Од жителите на овој остров е побарано да се евакуираат поради тоа што временските услови се непредвидливи.

Изминатите два дена имаше пониски температури, со повремени слаби дождови. Ова им овозможи на пожарникарите да земат малку здив пред временските усови повторно да се влошат. Дождовите секако го немаа потребниот интеназитет да ги изгаснат пожарите, а исто така до некаде одмогнаа при планираното контролирано палење со цел да се зацврстат тие т.н. линии на одбрана и пожарите да се стават под контрола. Во делови на Австралија се очекува живата утре да се искачи и над 40- тиот степен.

 

Катерина Топалова