СДСМ предлага измени на Кривичниот законик
СДСМ предлага измени на Кривичниот законик во одредбите за застарување на кривични дела за злоупотреба на службената положба и овластување, особено од избрани и наименувани лица. За ВМРО-ДПМНЕ предлогот првично прифатлив, но се бара и аболицирани лица да не можат да бидат избрани на раководни позиции и да нема амнестија за високи функционери...
СДСМ иницира промена на одредбите за застарување на кривични дела со злоупотреба на службената положба и овластување, особено од избрани и именувани лица. Со законските измени се предлага периодот на апсолутна застареност да се зголеми за една третина од моментно пропишаниот рок. Кирацовски очекува поддршка и од опозицијата, најавува јавна расправа и смета дека предлогот ќе биде само иницијална каписла за да се отворат сите можни предизвици и проблеми со Кривичниот законик и за неказнивоста на сите оние што се огрешиле.
За ВМРО-ДПМНЕ предлогот првично прифатлив, но се бара вметнување на нивните заложби и аболицирани лица да не можат да бидат избрани на раководни функции и да нема амнестија за високи функционери. Во новата програма на партијата- прв столб е владеење на правото и нулта корупција, вели Мицевски.
Засега е неизвесно дали власта и опозицијата ќе се усогласат и дали измените на Кривичниот законик може да се изгласаат пред самораспуштањето на Собранието на 11-ти февруари.
Милчо Велески
