Ангеловска: Порталот за јавен долг ќе ја зголеми транспарентноста
Во завршна фаза е новиот портал за јавен долг со кој граѓаните ќе имаат непосреден увид во задолжувањето и раздолжувањето на државата...
Министерството за финансии го продолжува процесот на отворање на јавните финансии пред граѓаните. Во завршна фаза е новиот портал за јавен долг со кој граѓаните ќе имаат непосреден увид во задолжувањето и раздолжувањето на државата. Со тоа од темата задолженост се тргаат сите политички превези, а граѓаните, за кусо време добиваат уште една демократска алатка. Овие процеси ја зголемуваат довербата на граѓаните во институцијата- соопштуваат од Министерството за финансии.
Со порталот за јавен долг, што наскоро ќе профункционира, јавноста ќе може да го види секое евро задолжување и раздолжување и за што биле потрошени тие средства, изјави вчера министерката за финансии Нина Ангеловска.
Во насока на зголемување на транспарентноста и отчетноста, Министерството за финансии пред два месеци ја пушти платформата „Отворени финансии“ преку која може да се видат сите исплати од Трезорот. За да се отвори Трезарот за граѓаните, беа направени измени во регулативата, со кои објавување на податоци од Трезорот стана законска обврска. Со тоа се осигура објавување на овие податоци без оглед на тоа кој е на власта и кој министер го води Министерство за финансии.
Министерството за финансии ја промовираше и алатката „Реализација на капитални инвестиции во Буџетот“, на која може да се следат капиталните расходи на секој буџетски корисник.
