Османи- Тимоние: Изборите ќе ја потврдат демократската и политичка зрелост на државава

10.01.2020 10:50

Во периодот кој следи Владата ќе се фокусира на организирање фер, слободни и компетитивни избори, со што ќе ја потврди досегашната доверба за демократскиот капацитет на земјата, истакнал вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, на средба со францускиот амбасадор во земјава, Кристијан Тимоние.

Преодната Влада се формираше според политичкиот договор низ соодветна постапка и инклузивен процес, што е доказ за не само за институционалната, туку и за политичката зрелост на државата. Во периодот кој следи Владата ќе се фокусира на организирање фер, слободни и компетитивни избори, со што ќе ја потврди досегашната доверба за демократскиот капацитет на земјата, истакнал вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, на средба со францускиот амбасадор во земјава, Кристијан Тимоние.

Како што соопшија од Секретаријатот за европски прашања, на средбата станало збор за актуелностите поврзани со европските интеграции на земјава, особено во пресрет на европските самити на ЕУ во март, мај и јуни под палката на Хрватското претседателство со ЕУ.

На средбата се разговарало и за останатите предизвици поврзани со европските интеграции, како што е реформата на методологија за преговори на која работи Европската Комисија, предизвиците на земјава да го задржи реформскиот моментум, можностите за процесот на преговори во рамките на претседателството со ЕУ од страна на Хрватска како и сите останати актуелности.

Соговорниците за време на средбата ја реафирмирале заедничката заложба за иднината на земјите од Западен Балкан, при што уште еднаш заеднички се согласиле дека Република Северна Македонија и останатите земји од регионот немаат друга алтернатива, освен полноправното членство во ЕУ.