Седум години затвор за таткото кој ја продаде ќерка си за 6.000 евра
Настанот се случил во 2013 година кога Т.Д. ја присилил на брак својата тогаш 17 годишна ќерка и ја продал за 6.000 евра на семејство во Словенија.

По одржана главна расправа на која беа изведени материјални и вербални докази, во Основниот кривичен суд – Скопје е објавена пресуда со која обвинетиот Т.Д. е прогласен за виновен за сторено кривично дело Трговија со дете и е осуден на казна затвор во траење од 7 години, соопшти Јавното обвинителство.
Настанот се случил во 2013 година кога Т.Д. ја присилил на брак својата тогаш 17 годишна ќерка и ја продал за 6.000 евра на семејство во Словенија. Оштетената малолетничка таму од страна на новото семејството била третирана како предмет на купување, за што надлежниот суд во Марибор во декември 2015 година ги осудил сопругот и неговите родители и им изрекол ефективни затворски казни.
За случајот словенечкиот јавен обвинител го извести Основното јавно обвиителство за гонење на организиран криминал и корупција. Надлежен јавен обвинител веднаш започна истрага за кривично правниот настан против таткото на оштетената. Преку меѓународна правна помош за случајот беа обезбедени докази и разменети информации со словенечките колеги. Во текот на истрагата се утврди дека родителите на момчето го договориле бракот и таткото на малолетничката дал согласност невестата да ја даде за пари на човек што прв пат го гледа, а кога малолетничката се спротивставила обвинетиот физички ја нападнал и ја присилил на брак, соопштуваат од Обвинителството.
