Не стивнуваат реакциите и обвинувања за трагедијата со украинскиот авион
Американски извори сметаат дека иранците по грешка го собориле боингот. Објавено и видео на кое се гледа како наводно ракета го погодува леталото. Техеран остро демантира...
„Њујорк тајмс“ објави видео- снимка на која наводно се гледа како иранска ракета го соборува украинскиот авион во близина на аеродромот во Техеран, при што загинаа сите 176 патници и членови на екипажот. Американскиот весник тврди дека видео- снимката е автентична. На неа се гледа како авионот е погоден од ракета по што менува правецот кон аеродромот, кога експлодира.
Американскиот претседател Трамп изрази сомнеж во врска со падот на украинскиот авион. Премиерот на канада, џастин трудо повикувајќи се на разузнавачки информации изјави дека украинскиот авион бил соборен од иранска ракета.
„Имаме информации од повеќе извори вклучително од нашите сојузници и од нашите разузнавачки служби. Доказите укажуваат на тоа дека авионот бил урнат од иранска територија со ракета. Можеби било ненамерно, но оваа информација ја потенцира потребата од темелна истрага. Потребно е на канадските власти веднаш да им се дозволи пристап до Иран за да ги идентификуваат жртвите и да учествуваат во темелна истрага. Семејствата на жртвите и сите канаѓани сакаат одговори. И јас сакам одговори. Тоа значи транспарентност, одговорност и правда. Оваа влада нема да запре додека не го добиеме тоа“, изјави премиерот на Канада, Џастин Турдо.
Веднаш по информацијата, авион на германската компанија „Л0уфтханза“ кој летал на линија Франкфурт- Техеран по еден час лет се вратил во Минхен.
Иран, пак, ги отфрла тврдењата дека го собориле леталото и ги повика американските власти да учествуваат во истрагата за несреќата.
„Имаме целосна координација меѓу нашата воздушна одбрана и цивилниот авијациски систем. Тие седат заедно едни до други, па е сосема невозможно да се случи такво нешто, односно соборување на патнички авион. Ги информиравме трите земји, Франција, Канада и Америка. Несреќата се истражува според стандардите“, изјави Али Абеџадех, Иранска национална авијација.
Иранските власти им дозволија на украинските истражители да пристапат до деловите од урнатиот украински авион. Иранските медиуми објавија видео од црната кутија од леталото која се очекува да даде повеќе информации.
Од членовите на семејствата на жртвите се зема ДНК примероци за да се идентификуваат телата.
„Загубивме научници, правни советници, професионалци, истражувачи, професори, стоматолози, лекари. Загубивме многу млади лица кои се идентификуваа како лидери во областа на која што работеа“, изјави Маџид Џовхари.
„Таа беше навистина силна личност и имаше поставено прекрасна цел. Работеше на докторат за да може да живее далку од дома во Иран“, вели пријателка на жртва.
Во несреќата на украинскиот авион загинаа 176 патници и членови на екипажот. Меѓу нив 82-ца биле државјани на Иран, 63 на Канада, како и државјани на Украина, Шведска, Авганистан, Германија и Британија.
Марина Ристова
