Проширувањето со Западен Балкан на агендата на ЕУ
Владата е фокусирана на организирање фер, слободни и демократски избори. Покрај европските самити на ЕУ во март, мај и јуни, под палката на хрватското претседателство, се чека и новата методологија за преговори на Европската комисија. Членството во ЕУ нема алтернатива- вели вицепремиерот Османи. Новиот еврокомесар за проширување Вархељи идната недела доаѓа во земјава...
Проширувањето се враќа во фокусот на Европската унија. Наредниот месец ќе биде клучен за усвојувањето на новата методологија што ќе го отвори патот за почеток на преговори со Северна Македонија и Албанија, истакна претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен во Загреб.
„Следниот месец ќе биде исклучително важен за нашите односи со Балканот. Самитот во Загреб ќе биде потенцијален камен- темелник за овој процес. Имаме уште многу работа на методологијата и унапредувањето на процесот на проширувањето. Предлогот за методологијата од почетокот на годинава ќе покаже како да го подобриме пристапниот процес, но длабоко сум убедена дека ова не треба да се задржува од почеток на пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија. Побаравме од нив да направат многу и тие ги исполнија критериумите. И сега ние треба да испорачаме и да ги одржиме ветувањата“, изајви претседателката на Европската комисија, Урсула фон Дер Лајен.
Македонските власти остануваат на ставот дека земјава заслужи почеток на преговори уште во октомври, но дека сега по историската грешка на Унијата постои поповолна клима за таква одлука. Од новиот еврокомесар за проширување Вархељи очекуваат да слушнат што ќе се содржи во новите правила за преговори.
„Нашите очекувања се дека Комисијата ќе го подготви драфтот до крајот на јануари. Тука е дилемата дали документот ќе остане на ниво на документ на Комисијата или ќе биде документ кој ќе треба Советот и земјите- членки да го потврдат. Тука има различни позиции во моментот, Комисијата смета дека треба да биде документ на Комисијата кој не треба да биде усвоен во Советот, меѓутоа одредени земји- членки имаат различни видувања. Многу е важна посетата, пред се како прва посета на комесарот, второ за да точно знаеме до каде е процесот на утврдување и усвојување на методологијата“, изјави Бујар Османи, вицепремиер за европски прашања.
За да се забрза процесот на усвојување на новата методологија, Европската комисија смета дека новите правила за преговори треба да се сметаат како документ без одобрување од земјите членки.
Доколку има вонреден извештај за напредокот на земјава, можно е одлука за почеток на преговори да има на самитот на ЕУ во март во Загреб.
Ирина Гелевска
