Здравство

Загадувањето и грипот ги полнат клиниките

10.01.2020 14:26

Скопје повторно на врвот според загаденоста на воздухот. Главниот град е петти на листата во светот. Аерозагаденоста е проблем за дишните патишта. Минатата недела пријавени 207 случаи на заболени од грип. Дел од нив се хоспитализирани. Од Институтот за јавно здравје предупредуваат- пикот сѐ уште не е достигнат...

Скопјани се разбудија во смог. Метрополата рангирана на петтото место на светската листа според загаденост. Освен во Скопје, мерните станици во државата покажуваат дека вредностите на ПМ 10 честичките се високи и во Тетово, Струмица и во Кичево. Лекарите предупредуваат, загадениот воздух го намалува имунитетот на луѓето, дополнително ја влошува и состојбата на заболените од грип.

За една недела повеќе од 200 граѓани со симптоми на грип побарале лекарска помош – покажуваат последните податоци од Институтот за јавно здравје. Грипот почна да ги полни и болниците.

„Нивниот број не е голем, ги испитуваме на присуство не само на грип туку лабораториски се бараат и некои други вируси кои можат да предизвикаат вакво заболување. Сепак, во моментов немаме смртни случаи. Штетното дејство на загадениот воздух може да делува лошо и да ја зголеми шансата за стекнување не само за грип туку и за било кое друго респираторно заболување, а особено за грипот за кое сите знаеме може да биоде тешко заболување кое носи голем број на компликации, па може и смртно да заврши“, изјави д-р Гордана Кузмановска, епидемиолог во Институтот за јавно здравје.

Најголем број болни пријавени се во Струмица и во Гостивар. Од почетокот на сезоната на грип досега има повеќе од 1.000 заболени.

Епидемиолозите очекуваат значително зголемен број на заболени во февруари, откако учениците ќе се вратат во клупите. Колективниот престој овозможува побрзо ширење на вирозите и инфекциите.

Најдобра превенција е вакцинацијата. Досега од грип се заштитиле повеќе од 40 илјади граѓани. Во Центрите за јавно здравје има вакцини за граѓаните кои сакаат да се имунизираат.

 

Андријана Атанасовска