Несогласувања меѓу министрите и замениците
Продолжуваат несогласувањата меѓу министрите и дополнителните заменици во техничката влада. Не мируваат и партиите. За СДСМ, кадрите на нивните политички опоненти покажеле непознавање. Од ВМРО-ДПМНЕ обвинија за опструкции...
Десетина дена од изборот на преодната влада за спроведување на предвремените парламентарни избори, во неа преовладуваат препукувањата меѓу министрите и дополнителните заменици. Обвинувања за непотизам, за незаконски донесени одлуки, најави за кривични пријави.
Социјалдемократите тврдат дека кадрите на ВМРО-ДПМНЕ во преодната влада покажале огромно непознавање, демонстрирале нестручно и незаконско работење на штета на граѓните и државата. Сепак, очекуваат да се надминат проблемите кои биле очекувани.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека кај СДСМ владее страв оти преку делувањето на техничките министри и дополнителните заменици ќе излезат на виделина сите манипулации, правени последниве три години. Според партијата, СДСМ на секаков начин се обидува да ги опструира функционерите од ВМРО-ДПМНЕ, кои треба да ја гарантираат професионалноста на институциите.
Во вакви услови, и власта и опозицијата се убедени дека се најдобри и дека ќе ја добијат довербата на 12-ти април.
