Стразбур

Јовева: Годинава очекувам датум за преговори

13.01.2020 10:15

Европратеничката од Словенија, Ирена Јовева која е со македонско потекло, во интервју за МТВ вели дека се надева оти годинава Македонија ќе ги почне преговорите за членство во ЕУ. Посочува дека државата направи многу и треба да продолжи по тој пат...

Ирена Јовева е првата европратеничка со македонско потекло која заседава во Европскиот парламент. Таа е новинарка по професија и во рамките на своите парламентарни активности е член на делегацијата за односи со нашата земја во која ја извршува и функцијата на заменик- претседател.

На последниот Мешовит парламентарен комитет ЕУ- Северна Македонија, одржан во Стразбур, таа се обрати на македонски јазик за да им посака добредојде на македонската делегација.

„Јас секогаш го кажував тоа, јас не се срамам од каде сум и од тоа што сум. Јас сум родена во Словенија, но со македонско потекло, од страна на мајка ми“- вели Јовева.

Вие сте член на Парламентарната група од која што е и францускиот претседател Емануел Макрон, какво е расположението меѓу европратениците кои што доаѓаат од Франција во однос на почетокот на преговорите со Северна Македонија?

Имавме интересни дебати ако така можам да кажам. Не можам да кажам со сигурност што ќе се случи, бидејќи после октомври бев можеби малку премногу оптимист, не само јас, туку и другите. Така сега сме малку повоздржани за тоа што ќе го кажеме, ама сепак мислам  дека расположението во однос на октомври сега е подобро и мислам дека има повеќе шанси сега или можеби во март.

Што треба да направи земјата за да напредни и да го олесни донесувањето на тој позитивен одговор од Советот на ЕУ?

Северна Македонија веќе прави многу добри работи, битно е што тоа разочарување и таа жалост и тага што помина, сега прават сѐ што можат и што треба, Сега треба да продолжат по тој пат и мислам дека се ќе биде во ред.

Ирена Јовева се надева дека идниот состанок на Мешовитиот парламентарен комитет Македонија веќе ќе ги има започнато преговорите за членство во ЕУ.

Се надевам дека идниот пат кога ќе имаме еден ваков комитет Севрена Македонија ќе биде земја кандидат која ги има започнато преговорите.

 

Тони Гламечвски, дописник од Стразбур за МРТ