Земјоделство: Се заканува зимска суша
Во земјоделството се заканува зимска суша. И новата година продолжи со невообичаени временски услови за овој период, со студени утра и топли денови и без доволно врнежи и влага во почвата што ги попречува земјоделците да го извршат првото прихранување на есенските посеви. Ваквото време во јануари единствено е добро за кроење на праската и виновата лоза...
Стабилното и суво време и пониските утрински минимални негативни температури од агрометеоролошки аспект не се добри заради недоволната влага во почвата, отсуството на снежна покривка и надпросечните температури на воздухот во текот на денот.
Високите дневни температури дополнително ја дехидрираат почвата и во наредниот период се заканува зимска суша со отсуство на влага во површинскиот слој, поради што земјоделците не можат да го извршат првото прихранување на есенските посеви кои се во понапредни фази и порано посеани.
Прогнозите и за оваа недела не нудат ништо поразлично од досегашните временски услови, со минимални утрински температури нешто повисоки и тоа до -5 и дневни температури на водухот до 10 степени.
Ваквите климатски услови се невообичаени за јануари месец и единствено се погодни за изведување на работи на отворено околу кроењето на праската и виновата лоза кое веќе се изведуваат во централните делови од земјава.
Методија Трајков
