Судењето за „ТНТ“ почнува од почеток
Судењето за случајот „ТНТ“ почнува од почеток. Поротничката чиј мандат истече, не се појави на рочиштето, си поднела неотповиклива оставка, поради здравствени причини. Во судница не се појави ниту обвинетиот Тони Трајковски, бидејќи како што рече неговиот адвокат Јовица Страшевски, не добил покана...
Со неотповиклива оставка поднесена половина час пред почетокот на судењето за уривањето на „Космос“, поротничката Лилјана Ивановска Кочковска го стави пред свршен чин Судскиот совет.
Судењето мора да почне од почеток, констатира судечкиот судија Ставрев. Но, побара од одбраната, обвинетите и сите инволвирани во процесот, кои како што рече, во досегашниот процес се произнасуваа за владеењето на правото и правната држава, да се заземат судскиот процес да почне со читање на досега изведените докази за да се елиминираат обидите за забавување и одолговлекување на постапката.
Адвокатот на обвинетиот Тони Трајковски, Јовица Страшовски рече дека ова е победа на правдата и законите. Сепак, не знае дали ќе го почитуваат повикот на судијата за читање на доказите.
Оштетениот бизнисмен Цановски е сигурен дека поротничката потклекнала на силните притисоци, особено, како што рече од мафијата предводена од експремиерот во бегство Груевски и обвинетите во постапката.
И според обвинителот Рустеми постапката на поротничката е резултат на силните притисоци врз неа и дека со ова, за жал, правдата ќе биде одложена и забавена, а што било цел во последните три месеци и на одбраната и обвинетите.
Адвокатот на Трајковски, Страшовски ѝ се закануваше на поротничката дека ќе и поднесе кривична пријава доколку дојде на судење, по што имаше реакции и од претседателот на судот, Џолев и од Судскиот совет, но тоа не вроди со плод.
На судењето не дојдоа екс- градоначланикот на Гази Баба, Трајковски и соработничката Елисавета Најдовска. Претходно судењето траеше две години.
Фиљана Кока
