Протести поради соборувањето на украинскиот авион
Во Иран втор ден антивладини протести поради начинот на кој власта се справува со последиците од авионската несреќа. Канадскиот премиер Џастин Трудо најави правда за луѓето кои загинаа во боингот што беше погоден од иранска ракета. На бдеењето за 57-те канадски жртви во несреќата, рече дека нема да се откажат додека не добијат одговори...
Илјадници луѓе излегоа на улиците на Техеран во знак на протест откако властите по неколку дена сепак признаа дека по грешка го собориле украинскиот патнички авион. „Некомпетентната револуционерна гарда е обележје на нашата нација“ - извикуваа демонстрантите. Тие бараат оставка од највисокиот водач во земјата, Ајатолахот Хамнеи. Полицијата со солзавец ги растури демонстрациите.
На снимки објавени на социјалните мрежи се слушаа истрели во близина на местото на демонстрациите. Според медиумите, се уште не е потврдена автентичноста на видеата, на кои, исто така, се гледа крв на земјата и луѓе со пушки, најверојатно припадници на силите за безбедност.
На други снимки пак, се гледа како полицијата во униформи ги тепа демонстрантите.
Началникот на полицијата во Техеран тврди дека не било стрелано врз учесниците во протестите бидејќи полицајците добиле наредба да покажат воздржаност.
Во меѓувреме, канадскиот премиер Трудо рече дека ќе бара правда за луѓето кои загинаа во несреќата. Додаде дека Канада нема да се откаже додека не добие одговори.
„Стоиме заедно обединети во ова време на голема тага. Сите канаѓани се со скршено срце по авионската несреќа. Бевме шокирани кога дознавме дека авионот бил урнат со иранска ракета. Тагуваме за огромната загуба“, изјави Џастин Трудо, премиер на Канада.
Воената авијација во Израел, пак, е во состојба на готовност во согласност со изјавите на премиерот Нетанјаху дека ќе му зададе силен удар на Техеран доколку ги нападне Тел Авив и Хаифа. Иранската револуционерна гарда се закани дека ќе се одмазди за убиството на командантот Касим Сулејмани.
Во САД, конгресмени побараа да се утврди, дали навистина имало непосредна закана по американските амбасади, што администрацијата на Трамп тврдеше дека е главната причина за убиството на иранскиот генерал.
Марина Ристова
