Аерозагадување

Макрадули: Воздухот е почист од порано, неточни се податоците на социјалните мрежи

13.01.2020 14:54

Единствен начин за намалување на загаденоста е промена на начинот на греење и повисока свест кај граѓаните, вели заменик- министерот за животна средина Макрадули. Тврди дека годинава аерозагадувањето е помало од другите години. Во градинка во Влае променет начинот на греење во рамките на Планот за чист воздух...

Лани жителите на земјава дишеле почист воздух во споредба со претходните години. Тоа го покажеле мерните инструмени, тврди заменик- министерот за животна средина. За неточни ги смета податоците од мерењата на воздухот што се појавуваат на социјалните мрежи.

„Сакам да укажам дека ние како и сите држави членки на Европската унија, податоците и дефинирањето на политиката го правиме врз државниот мониторинг систем и инструментите што чинат многу пари. Креирајќи политика со „Али Експрес“ сензори може само да предизвика паника помеѓу граѓаните. Не велам дека нема загадување, но нема потреба да се прогласи алармантна состојба во градот“, изјави заменик- министерот Јани Макрадули

Макрадули укажува на тоа дека и менувањето на изворите на затоплување во институциите значително влијае на намалената загаденост. Како пример ја посочи Општина Карпош каде е отстранет и последниот потенцијален загадувач во урбаното јадро. Наместо со нафта, градинката во Влае ќе се загрева со термални пумпи.

Екологистите го поздравуваат менувањето на начинот за греење на институциите, но велат паралелно треба да се работи и на енергетската ефикасност на објектите. Не треба да се занемари ниту влијанието на градежната експанзија врз загадувањето.

„Сметаме дека треба да се стави во посилни законски рамки. На пример гледаме дека на нови згради им е дозволено сами да го изберат начинот на загревање наместо да го користат постоечкиот систем на парно греење, централно греење кое го има во градот и кое дефинитивно значи помалку загадување на воздухот. Во исто време треба да се работи на постојан надзор на индустријата“, изјави Елена Николовска од „Еко свест“.

Додека трае полемика, за последиците од аерозагадувањата најдобро сведочат лекарите. Велат, влијае на намалувањето на имунитетот, особено на потешко болните.

„Штетното дејство на загадениот воздух може да делува лошо и да ја зголеми шансата за стекнување не само за грип туку и за било кое друго респираторно заболување, а особено за грипот за кое сите знаеме може да биоде тешко заболување кое носи голем број на компликации, па може и смртно да заврши“, изјави Гордана Кузмановска, Институт за јавно здравје.

Според светското ранггирање, Скопје и оваа зима често е на врвот на најзагадени градови во светот. Освен во деновите кога климатските услови го прочистуваат воздухот.

 

Андријана Атанасовска