„Медена земја“ со две номинации за Оскар испиша историја

13.01.2020 15:01

Документарниот филм „Медена земја“ на режисерите Тамара Котевска и Љубомир Стефанов доби две номинации за Оскар, за најдобар документарец и за најдобар странски филм. Ова е првиот македонски филм со две номинации за Оскар, со што испиша историја...

Македонскиот документарен филм „Медена земја“ на режисерите Тамара Котевска и Љубомир Стефанов доби две номинации за Оскар, за најдобар документарец и за најдобар странски филм. Ова е првиот македонски филм со две номинации за Оскар, со што испиша историја.

„Среќни сме дека светските критичари и членовите на Академијата го препознаа крикот на планетата, кој ечи меѓу фрејмовите во филмот. Ја открија големината на човекот, преку големината на единката. Се разнишаа убедувањата дека радоста се крие во поседувањето. Ова е прв пат во историјата на Оскарите документарен филм да е номиниран во две категории, што значи дека ова не е само успех со историски размери, туку истово потврдува дека документариот јазик влегува во ерата на негово вистинско вреднување, каде стои рамо до рамо со фикционалната нарација“, соопшти тимот на „Медена земја“ на Фејсбук.

„Медена земја“ е филм за Атиџе Муратова, последната жена- одгледувач на диви пчели во Европа, која живее сама со својата мајка во напуштеното овчеполско село Бекирлија. Главна идеја на филмот е да се прикаже припадноста на човекот кон природата и нарушување на природната рамнотежа преку судир на два различни начина на искористување на природните ресурси. Членовите на Акедемијата филмот го нарекоа „материјал заслужен за Оскар“.

По победата на американскиот фестивал „Санденс“ лани, „Медена земја“ освои голем број награди, номинaција за европски Оскар, а имаше и одлични критики од најреномираните филмски критичари и медиуми.

Меѓу петте номинирани за најдобар документарец се и „Американска фабрика“, „Пештерата“, „Доба на демократија“ и „За Сама“. За најдобар странски филм, покрај „Медена земја“, номинирани се и „Корпус кристи“ од Полска, „Клетници“ од Франција, „Болка и слава“ од Шпанија и „Паразит“ од Јужна Кореја.

„Пред дождот“ на Милчо Манчевски е единствениот македонски филм кој добил номинација за Оскар, во 1995-та година.