ВМРО-ДПМНЕ: Непотизам владее и во Прилеп
И денеска партиските штабови не мируваа. ВМРО-ДПМНЕ со ново обвинување за непотизам, овојпат во Прилеп. Побарано Антикорупциска да ги испита случаите. Свесни за поразот, ВМРО-ДПМНЕ подготвуваат терен за непризнавање на изборниот резултат, велат од СДСМ...
Епидемија на непотизам владее во Прилеп, град кој е под целосна контрола од кадрите на СДСМ, истакна Димче Арсовски од ВМРО- ДПМНЕ. Такви случаи забележале во Полициската станица, во Тутунскиот комбинат и во основни училишта.
„Апелираме до Државната комисија за спречување на корупција да ги земе многу сериозно сите овие информации јавно истакнати за непотизам, за епидемија од непотизам во Општина Прилеп. Исто како што минатите неколку денови објавувавме за Општина Штип. Да се поведат постапки и соодветно да ги санкционира. Да ги санкционира сите оние каде што ќе се утврди дека имало влијание во вработување на роднините од своите семејства. Одговорност ќе има, и одговорност мора да има“, изјави Арсовски.
СДСМ обвинуваат дека опозициската партија со лажни вести и манипулации се обидуваат да ги девалвираат нивните резулатати. Техничките министри ги ги прекорачуваат дадени овластувања, со цел да им оневозможат на граѓаните фер и демократски избори- истакна пратеникот Хари Локвенец.
„Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ подготвуваат терен за непризнавање на изборниот резултат, соочени со релноста дека ќе ги загубат изборите. Прочитани се и затоа се во голема паника“, изјави Локвенец.
И двете партии највуваат изборна победа и крај на криминалот и корупцијата.
Марина Стојанова- Тонева
