Парламентарни избори

Покана до ОДИХР за набљудување на изборите

13.01.2020 15:21

До ОБСЕ-ОДИХР е испратена покана за набљудување на изборите на 12-ти април. Оттаму за МТВ велат дека македонските власти побарале мониторинг мисија за предвремените избори, но се уште не е донесена одлука за испраќање на набљудувачи. Се чека одлуката за распишување на изборите...

Македонските власти побарале од ОДИХР да испрати набљудувачка мисија во земјава. Од Канцеларијата за демократски институции и човекови права во Варшава за МРТ потврдуваат дека ја разгледуваат поканата за мониторинг на предвремените избори во април.

„Може да потврдам дека добивме покана од властите во Северна Македонија за набљудување на претстојните парламентарни избори. ОДИХР ќе донесе одлука за набљудувачка мисија кога изборите официјално ќе бидат распишани од властите“, изјави Катја Андруз- портпарол на ОДИХР.

ОДИХР ќе упати барање до земјите членки на ОБСЕ да испратат набљудувачи, откако ќе биде донесена официјална одлука за мониторинг по распишувањето на изборите од Собранието.

„Не можеме да донесеме одлука за набљудување без да знаеме дали ќе има избори. Ќе почекаме на формалното објавување од властите во Северна Македонија, за да можеме да почнеме процес на составување на набљудувачка мисија. Официјалната покана пристигна и сега чекаме на распишување на изборите“, изјави Андруз за МРТ.

На последните претседателски избори во земјава, ОДИХР имаше 250 набљудувачи.

 

Ирина Гелевска