Предлог- закон за поништување на лустрацијата

Одложена комисиската расправа за поништување на лустрацијата

13.01.2020 15:37

Законот за поништување на лустрацијата пред членовите на Комисијата за политички систем. Расправата не почна. Одложена е поради немање кворум. ВМРО-ДПМНЕ не го поддржува законот. Ние сме единствената држава каде што кодошите на комунизмот, наместо осуда ќе добијат пари од државата, велат од партијата. За СДСМ, лустрацијата била политички мотивирана...

Покрај пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, поништувањето на лустрацијата го опструираат и ДУИ и Демократската партија на Турците, поради што не може да почне комисиската расправа за овој закон, објави претседателот на Комисијата за политички систем Александар Кирацовски.

Претходно Кирацовски изјави дека очекува ВМРО-ДПМНЕ да го блокира донесувањето на законот со илјадници амандмани. Ја повика опозицијата да помогне да се исправи неправдата кон жртвите на лустрацијата.

Пратениците од ВМРО ДПМНЕ рекоа дека ќе учествуваат на седницата кога ќе дојде министерката за правда, Рената Дескоска. „Ние сме единствена држва во која кодошите ќе добијат пари од буџетот како оштета. Одговорност за кодошите мора да има, и морална и политичка“, посочија од ВМРО- ДПМНЕ.

ВМРО-ДПМНЕ да престане да бара дополнителни основи за опструкција- порача министерката за правда Рената Дескоска. Деловничките обврски се исполнети и Комисијата треба да продолжи со работа, а ВМРО-ДПМНЕ да престане да бара дополнителни основи за опструкција, вели таа во изјава за МИА.

Собранискиот спикер Талат Џафери изјави дека дал поддршка на Законот за лустрација и дека нема ништо спорно за него и да се поништи овој закон. „Не сум го видел текстот на законот и немам коментар по него. Гласав за носење на Законот за лустрација и немам проблем ниту со поништувањето на законот“, рече Џафери.

 

Игор Панов