Спасовски: Приоритет е организирање фер и демократски избори
Приоритет на оваа Влада е да обезбеди услови за одржување на фер и демократски избори кои на граѓаните ќе им овозможат избор на нова легитимна Влада, рече техничкиот премиер Спасовски. Посочи дека ова е исклучително важен период за земјава. Побара од сите институционална и политичка одговорност...
Приоритет на оваа влада е да обезбеди услови за одржување на фер и демократски избори кои на граѓаните ќе им овозможат избор на нова легитимна влада, рече техничкиот премиер Спасовски на првата прес- конференција од назначувањето. Тој посочи дека ова е исклучително важен период за земјава и побара од сите институционална и политичка одговорност.
„Сите постапки на секој член на извршната власт мора јасно да потврдат дека Владата и државата се во сигурни раце. Секој политички чин на членовите на Владата, во сите линии на хиерархијата, треба дапроизлегува од одговорноста да им укажеме на сите наши граѓани дека треба да бидат спокојни. Сите услуги до граѓаните и сите обврски на институциите ќе бидат испорачани во целост и на време“, нагласи Спасовски.
Граѓаните да не се грижат како ќе функционираат институциите. Владата ќе продолжи да ја движи земјата кон вистинскиот пат како членка на НАТО и идна членка на Европската унија. Продолжуваат и политиките со кои Северна Македонија се гради како држава, додаде Спасовски. Одговорајќи на новинарско прашање за состојбите во МВР тој рече дека очекува да бидат надминати сите недоразбирања.
„Ги разбирам и едните и другите, и оние кои се веќе дел од Владата и оние кои доаѓаат со нови мотиви, дека треба да се докажат пред политичките елити и дека треба да влечат потези, меѓутоа сите тие треба да знаат дека треба да влечат потези во интерес на граѓаните“, рече Спасовски.
Спасовски ги охрабри институциите непоколебливо да одговорат на секој напад спрема новинарите и на говорот на омраза. Тој очекува стандардите од спроведените локални избори во 2016-та, референдумот во 2018-та и претседателските во 2019-та да бидат зачувани и на претстојните во април годинава.
Фиљана Кока
