Стразбур

Пленковиќ: Преговорите за членство со Северна Македонија и Албанија меѓу главните приоритети

14.01.2020 12:50

При претставувањето на приоритетите на Хрватското претседателство со ЕУ, хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ уште еднаш нагласи дека организирањето на Загребскиот самит меѓу ЕУ и Западен Балкан и отворањето на преговорите за членство со Северна Македонија и Албанија, се меѓу главните приоритети- јавува дописникот на МТВ од Стразбур...

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, кога зборуваше за проширувањето, приоритетите ги претстави на француски јазик при што јасно порача:

„Ние не ја криеме нашата амбиција да се обидеме да добиеме поддршка од земјите членки за отворање на преговори за членство со овие две земји, нагласи тој. Идниот извештај на Европската комисија и предлозите за подобрување на методологијата за процесот на преговорите ќе бидат важни. За кредибилноста на политиката на проширување важно е да се зачуваат принципите на почитување на политичките критериуми, критериумите за референци и за индивидуален напредок. Секоја земја кандидат треба да се оценува врз нејзините резултати, крајната цел на преговорите останува членството во ЕУ. Тоа треба да биде главната определба на политиката за проширување“, рече Пленковиќ.

Пленковиќ потсети дека ЕП во октомври по француското вето, донесе одлука со која се поддржува отворање на преговорите со Албанија и Северна Македонија, во која се подвлекува важноста на проширувањето за земјите кандидати, како и за ЕУ. Со тоа, според Пленковиќ, ЕП ја потврди приврзаноста кон кредибилната политика на проширување на ЕУ.

Самитот од Загреб во мај ќе се одржи 20 години по првиот Загребски самит, кој ја отвори европската перспектива за Југоисточна Европа и за договорите за стабилизација и асоцијација.

„Затоа на самитот во Загреб сакаме да им испратиме силен сигнал на нашите партнери од Југоисточна Европа кои сѐ уште се во еден вид на европско претсобје, и да им речеме- Ако ги продолжите сите реформи и ги исполните сите критериуми за членство. Вашата европска перспектива не е ставена во прашање и вие сте добредојдени“, нагласи Пленковиќ.

Истовремено, според Пленковиќ, ЕУ ќе им помогне на земјите канидати да ги исполнат цели со учество во европските проекти, интегрирање на инфраструктурните мрежи со редовен политички дијалог на највисоко ниво и со промовирање на европските вредности и принципи.

Претседателката на Европската комисија, Вон дер Лајен истакна дека идните шест месеци ќе бидат одлучувачки за односите со земјите од Западен Балкан. За Северна Македонија и Албанија таа рече дека двете земји направија што требаше, и сега треба да започнат со преговори.

Тони Гламчевски, дописник од Стразбур за МРТ