Филм

„Медена земја“: Шансите за „златна статуетка“ се реални

14.01.2020 13:10

Македонската јавност верува дека приказната за Атиџе, последната жена- одгледувач на диви пчели во Европа, на земјава ќе и ја донесе престижната златна статуетка. Според филмските експерти, имаме одличен филмски производ. „Медена земја“ е првиот македонски филм со две номинации за Оскар, со што испиша историја...

Двете номинации за документарното ремек- дело „Медена земја“, на режисерите Тамара Котевска и Љубомир Стефанов, предизвикаа реакции на восхит и гордост. Македонската јавност верува дека приказната за Атиџе, последната жена- одгледувач на диви пчели во Европа, на земјава ќе ѝ ја донесе престижната статуетка.

И светот не престана да зборува за остварувањето кое е резултат на упорноста, талентот и квалитетот на неколку поединци, кои успејаа да ја раскажат приказната на начин на кој што таа ќе биде препознаена и на големата глобална сцена. „Медена земја“ е првиот македонски филм со две номинации за Оскар, со што испиша историја.

Според филмските експерти, имаме одличен филмски производ, а шансите за златната статуетка, велат е реална.

„Имаме одличен филмски производ кој има глобална тема прикажана низ локална призма.  Има некоја вонвременска рамка, не само контекстот, туку и квалитетот на филмот ќе влијае, јас се надевам на позитивен исход. Мојата логика е или два или ништо“, вели Владимир Ангелов, филмолог.

„Медена земја“ е вистинита, топла приказна за Атиџе и за нејзините соседи од селото кои одгледуваат пчели и прават мед. Атиџе со својата човечност и пожртвуваност храбро ја носи пораката на филмот. Ако еден го прекрши правилото, сите ја плаќаат цената. Нејзината девиза која го трогна светот е: земи половина од медот, половина остави за пчелите.

 

Александра Спировска